Македонските пионерки ги почнуваат квалификациите за ЕП во одбојка

Македонските одбојкарки до 16 години (генерација 2006 и помлади) од утре до сабота ќе учествуваат на квалификацискиот турнир за Европското првенство годинава. Во салата „Владе Дивац“ во Врњачка бања, нашата репрезентација утре во првото коло ќе сервира против домаќинот Србија, в среда ќе се сретне со Бугарија, ден потоа ќе ги одмери силите со Турција, а во фрекфентниот ритам со четири натпревари во четири дена ќе влезе и соочувањето со Романија в петок.

Првопласираната репрезентација на овој турнир ќе обезбеди учество на Европскиот шампионат во унгарскиот град Ниџерхаза и во Хумене, Словачка, во перидот од 10-18 јули, а националните состави што нема да влезат во континенталната елита, ќе продолжат во вториот круг од квалификациите. Во него, од 6-9 мај ќе бидат одиграни пет турнири со по четири репрезентации од сите пет зонски асицијации на ЦЕВ во коишто е и нашата, балканска.

Координаторката за женска одбојка кај нас, Емилија Терзиевска, во Врњачка бања ќе ја има улогата на селекторка на националниот состав, а нејзин асистент ќе биде Никола Јаневиќ. Црвено-жолтиот дрес ќе го носат 12 одбојкарки: Ивана Трајкова, Ирена Узунова, Леона Змајшек, Анастасија Ристевска, Ева Ристовска, Теа Зетова, Марија Џонлага, Ева Трпеновска, Елена Ѓорковска, Јована Кирова, Миа Ѓоргиевска и Кариа Трифуновска.

Распоред на натпревари
Kвалификации за ЕП 2021 (пионерки) – Прв зонски турнир

Прво коло (вторник)
СРБИЈА – МАКЕДОНИЈА (19:00)
ТУРЦИЈА – РОМАНИЈА (16:30)

Второ коло (среда)
МАКЕДОНИЈА – БУГАРИЈА (16:30)
СРБИЈА – РОМАНИЈА (19:00)

Трето коло (четврток)
МАКЕДОНИЈА – ТУРЦИЈА (16:30)
СРБИЈА – БУГАРИЈА (19:00)

Четврто коло (петок)
МАКЕДОНИЈА – РОМАНИЈА (16:30)
БУГАРИЈА – ТУРЦИЈА (19:00)

Петто коло (сабота)
БУГАРИЈА – РОМАНИЈА (12:00)
СРБИЈА – ТУРЦИЈА (14:30)