• Иван Димовски
Машката одбојкарска репрезентација на Македонија ќе биде дел од дванаесетте национални тима кои ќе учествуваат во изданието од ЦЕВ Златната Европска лига во 2025 година. Покрај нашите најдобри одбојкари ќе се натпреваруваат уште Чешка, Португалија, Романија, Финска, Хрватска, Грција, Шпанија, Летонија, Словачка, Црна Гора и Израел.
Во третата година во низа како дел од силното континентално натпреварување, машката репрезентација ќе одигра шест квалитетни натпревари. Како и во претходното издание така и во ова ќе се игра според т.н. „швајцарски систем“ односно во три турнири, а секоја репрезентација ќе биде домаќин на по еден турнир.
Првите турнири на програмата се викендот од 6 до 8 јуни. Македонија ќе игра на турнирот во Словачка, каде првиот натпревар го игра на 7 јуни против Финска, додека ден подоцна ќе се соочи со домаќинот.
Вториот турнир е предвиден од 13 до 15 јуни во Летонија. Летонците се противникот со кој ќе ги измериме силите на 13 јуни, додека на 14 јуни играме со Грција.
Македонија ќе биде домаќин на турнир во третиот викенд од Златната Европска лига 2025, закажан од 20 до 22 јуни. Македонија на 20 јуни ќе го пречека Израел, потоа ќе има слободен ден додека турнирскиот систем на натпрварување ќе го закружи против Црна Гора на 22 јуни.
По одигрувањето на натпреварите ќе биде формирана заедничка табела на која првите четири најдобро пласирани селекции ќе изборат учество на финалниот турнир, кој ќе се одржи од 4 до 6 јули. Промена може да има само доколку репрезентацијата домаќин на завршниот турнир не е меѓу најдобрите четири екипи на табелата. Организаторот на Ф4 викендот дополнително ќе биде одреден.
Машката А репрезентација од 2014 година константно е дел од годишните натпреварувања на ЦЕВ и досега има освоено четири бронзени и два сребрени медали.