Македонија загуби без освоен сет од фаворизираната Холандија

Одбојкарската репрезентација на Македонија загуби од Холандија со 3-0 во сетови (25-20, 25-18, 25-22) и го доживеа вториот пораз на Европското првенство (ЕП) во групата во Тампере, по оној против домаќинот Финска.

„Лалињата“ комбинираа и ги чуваа силите, меѓутоа разликата беше евидентна. Холандија имаше и подобар напад и повеќе блокови, помалку грешеа во клучните моменти кога се кршеше натпреварот и заслужено дојдоа до чист успех со макисмален учинок. Следниот меч за нашиот национален тим е за два дена, против селекцијата на Турција (13:00 часот).

Македонија тргна рамноправно во мечот, во првиот сет имаше пристојна негатива, беше 10-9 па 13-12, меѓутоа откако не се искористи една контра за изедначување, Холандија влезе во ритам и се одлепи на 16-12. Блокот на ривалот дојде до израз, а иако Николиќ повика тајм-аут, тоа не помогна да се избегне поразот во првиот сет, иако Македонија во еден момент имаше негатива од 21-19.

Во вториот сет исто така се почна добро, а поголема улога доби 19-годишниот Филип Савовски кој играше како среден блокер. Првото водство Македонија го имаше кога на семафорот во Тампере поради поени на Никола Ѓорѓиев стоеше 14-15, меѓутоа серијата 5-1 за Холандија го „скрши“ македонскиот отпор и во овој сет.

Во третиот решавачки сет, осмата селекција на ЦЕВ листата во Европа отвори сигурно. Беше 4-1, па 11-7 и беше лесно да се дојде до посакуваната победа без голема мака, иако Македонија се приближи во финишот на 19-17. Холандија до победата дојде преку втората меч-топка.

Најдобар кај Холанѓаните беше Тер Мат со 22 поени, пред Вилтенбург и Тер Хорст со по десет поени, а кај Македонија, капитенот Никола Ѓорѓиев заврши со 13 поени, пред Алексндар Љафтов со 11 поени, а дебитантот Филип Савовски запиша шест поени, исто колку и Ристо Николов.