Македонија водеше со 2-0, имаше три меч-топки, ама пак загуби од Бугарија

Одбојкарската репрезентација на Македонија со пораз ги отвори тестовите со Бугарија, откако во маратонски натпревар во пет сета загуби од балканскиот ривал со 2-3 (25-20, 25-22, 20-25, 14-25, 17-19), во рамки на 44-тото издание на турнирот „Бранко Хаџииљоски - Чајка“ кој традиционално се одржува во Скопје.

„Црвено-жолтите“ на Матијашевиќ имаа предност од два сета, но до крајот не успеаја да дојдат до посакуваната победа. Бугарите се вратија, покажаа две лица и ако беа бледи во првите два сета, во последните три беа далеку подобар противник од нашиот национален тим. Двете селекции ќе одиграат уште еден пријателски натпревар во Скопје, а потоа ќе следат два теста во Бугарија.

Нашата репрезентација имаше одлично отворање на првиот сет и со само две грешки во вкупно 31 поен, обезбеди позитива од 18-13. Се доминираше во приемот, се направија четири грешки до крајот на првиот сет, сите беа направени од сервис, а тоа резултира со победа од 25-20 и предност на Македонија.

Вториот сет беше далеку поизедначен, Македонија и Бугарија беа рамо до рамо се до 21-20, кога гостинот направи две грешки, па „црвено-жолтите“ се вивнаа кон победата. Триумфот пристигна од првата меч-топка, која ја искористи Никола Ѓорѓиев.

Во следните два сета, евидентен беше падот на кондицијата кај Македонија. Бугарија имаше добар прием, Македонија голем проблем при сервисот, па ривалот со два освоени сета во низа, со 20-25 и 14-25 се избори за петти сет.

Во решавачкиот сет никој немаше два поени плус, а двете селекции си го предаваа водството, се до моментот кога Македонија се реши на напаѓачки сервис, па следеше блок-аут и предност за нашиот национален тим од 9-7. Потоа, Љафтов беше одличен за 11-8, Кај Бугарите во ритам влезе Скримов, па противникот се доближи на 12-11, потоа беше и 12-12. Во следните два напади, браќата Ѓорѓиеви беа на дело - Ѓорѓи донесе блок-поен, па Никола смеч-поен, за 14-12. Но, две меч-топки не се искористија, затоа што по тајм-аут на Пранди, Бугарија пак изедначи на 14-14. Се играше изедначено до 17-17, Македонија не искористи уште една меч-топка, па Бугарија врза два поена, за голем пресврт-триумф.

Најдобар кај Македонија беше Никола Ѓорѓиев со 26 поени, пред Љафтов со 10 поени и Николов и Милев со по шест поени, додека кај Бугарија, коректорот Димитров запиша 23 поени, одличен беше Скримов со 18 поени, па следеше Николов со 16 поени.

Вториот натпревар меѓу Македонија и Бугарија во рамки на турнирот „Бранко Хаџииљоски - Чајка“ се игра утре (среда) од 16:00 часот.