„Македонија влегува на мала, ама ќе излезе на голема врата од ЕП“

Македонската одбојкарска репрезентација ја бруси формата пред настапот на Европското првенство (ЕП) кое ќе се игра во Словенија и Франција. Под окото на селекторот Никола Матијашевиќ и неговиот асистент Ратко Павичевиќ, се работи секојдневно, пред се на физичката подготовка.

Ратко Павичевиќ во изјава за Gol.mk потенцира дека сите работат вредно и дека оваа селекција на ЕП ќе влезе на мала, но ќе излезе на голема врата од овој европски одбојкарски собир, прв за нашиот национален тим во историјата.

„Малку е напорно, но момците вредно работат и фокусирани се на проектот. Има уште многу време до Европското првенство, ќе си дојдат и пријателските натпревари и ќе видиме како ќе функционираме како група. Сигурно дека има квалитет во оваа селекција. Квалификацијата не е случајна. Мојата прогноза е дека селекцијата ќе влезе на мала, а ќе излезе на голема врата. Голема предност е што имаме повеќе луѓе во стручниот штаб. За мене голема чест е што соработувам со Никола Матијашевиќ кој е голем тренер. Приоритети на шампионатот ќе ги одреди селекторот. Првиот натпревар е важен, но не е најважен. Треба да одиме чекор по чекор, па ќе видиме колку ќе постигнеме“, смета асистентот на Матијашевиќ.

До стартот на ЕП, одбојкарите ќе одиграат тест-мечеви за темпирање на формата. Стартот на шампионатот е на 12 септември, а дебито на сцената е со Финска.