• Мартин Танасковски
Селекторот на машката сениорска репрезентација на Македонија, Јошко Миленкоски, го објави поширокиот список на одбојкари во пресрет на почетокот на подготовките за настапот во Европската лига 2026. За Јован Милев, Митко Спасов и Филип Јованов ова е прв повик во А националниот тим.
Првиот дел од подготовките Миленкоски и неговите избраници ќе ги одработат во Крушево, додека останатиот дел од програмата нема да претрпи промени.
Од 13 мај репрезентацијата ќе биде стационирана во Скопје, во СЦ „Борис Трајковски“ каде ќе се подготвува две недели. Финалната проверка на формата Македонија ќе ја има со пријателски натпревари со Црна Гора, во периодот од 27 до 29 мај во Подгорица.
Машката репрезентација првиот турнир во Европската лига 2026 го игра на домашен терен, односно во салата „Парк“ во Струмица, каде на 5 јуни ја пречекува Холандија, додека на 7 јуни игра против Луксембург.
Вториот турнир нашите одбојкари го играат во Грција, во Атина кога на 13 јуни ќе се соочат со Исланд, а ден подоцна играат со домаќинот Грција. Третиот турнир од Евро-лигата 2026 Македонија го игра на Косово, во Гњилане, каде на 19 јуни ќе се сретне со косовската репрезентација, додека на 20 јуни е предвиден мечот со Израел.