Македонија рутински ја „збриша“ БиХ и продолжи да чекори кон ново ЕП

Македонија заборави на поразот од Турција и вторпат ја совлада Босна и Херцеговина, овојпат со убедливи 3-0 (25-20, 26-24, 25-13) во квалификацискиот турнир за Европското првенство кој се одржува во Скопје.

Со мали проблеми во вториот сет, нашите репрезентативци си ја исполнија целта и стигнаа до втора победа, која нè носи чекор поблиску до настап на континенталниот собир. За два дена ќе го одиграме и последниот меч, одново со турската репрезентација, против која ќе бараме реванш за поразот во второто коло.

Почетокот донесе македонско водство кое се одржуваше до крајот на сетот. Избраниците на Никола Матијашевиќ го контролираа резултатот до самиот крај, кога на момент паднаа. Но, затоа Љафтов врза неколку добри сервиси кои ѝ помогнаа на нашата селекција мирно да го приведе воведниот сет кон крај.

Идентичен расплет на настаните имаше и во продолжението. Македонија одново тргна силно и постојано имаше позитива. Босанските одбојкари немаа одговор на расположените противници, кои ја користеја секоја грешка. Сепак, Османовиќ заигра добро во завршницата од вториот сет, па се играше поен за поен до 24-24. Подобриот финиш, проследен со клучен поен на капитенот Ѓорѓиев, донесе уште еден сет во корист на македонските репрезентативци.

Тоа донесе демотивација кај БиХ, која играше непрепознатливо. Веќе на почетокот од третиот сет си постави невозможна мисија, кога тргна со негатива од 7-1. Ништо не функционираше во играта на Босанците, кои се откажаа порано од очекуваното, што секако беше добра вест за нашиот тим. Со сериозен пристап репрезентацијата на Македонија оствари голема и може да се каже очекувана победа.

Дуелот со Турција, во кој ќе играме за бод или сет повеќе, се игра за два дена со почеток од 18:00 часот.