Македонија потклекна пред Словачка на „Чајка“ и заврши како втора

Одбојкарската репрезентација на Македонија доживеа пораз од Словачка со 1-3 во сетови (17-25, 25-21, 22-25, 22-25) во вториот контролен натпревар во рамки на 45. традиционалниот меморијален одбојкарски турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“.

На овој натпревар се покажаа доста слабости на одбојкарската селекција, па селекторот Николиќ ќе има шанса да ги поправи сите аномалии пред Европското првенство (ЕП) кое се игра во повеќе земји, а нашата група ќе биде во Финска. Клучен за поразот беше третиот сет во кој македонските одбојкари не искористија предност од 17-9, Словачка се врати со серија од 14 поени и ги откажа македонските одбојкари.

По овој резултат, сите три селекции кои беа учесници на турнирот завршија со по една победа. Македонија ја совлада Црна Гора, Црна Гора ја совлада Словачка, а Словачка беше подобра од Македонија. Дел од настанот требаше да биде и Израел, меѓутоа селекцијата се откажа поради позитивни случаи на ковид-19.

За најкорисен играч е прогласен капитенот на Словачка, Томаш Кришко, како најстандарден на турнирот.