Македонија покажа квалитет во прав момент и со победа над БиХ ги отвори квалификациите за ЕП

Одбојкарската селекција на Македонија ја оствари првата зацртана цел и квалификациите за следното Европско првенство ги започна со посакувана победа на репрезентацијата на Босна и Херцеговина (3-1). „Спартанците“ експресно ги заборавија лошите настапи и поразите од Бугарија и вечерва во Скопје покажаа игра како што се очекуваше од нив. Босна можеби не разочара со својата игра и беше достоен противник во поголемиот дел од натпреварот, но искуството и квалитетот на нашите момци дојде до израз во прав момент и заслужено ги грабнавме првите бодови во овие квалификации. 

Стартот на првиот сет ни донесе израмнета игра, по што следуваше серија на грешки во нашата селекција, и гостите го искористија тоа и први се одлепија на четири поени разлика (8-12), па Матијашевиќ мораше да реагира и повика тај-аут. Но, ниту советите на искусниот стратег е вродија со плод, затоа што разиграните Босанци продолжија со ефикасната игра и го зголемија водството на 8-15. Кога беше најпотребно капитенот Никола Ѓоргиев презеде сè во свои раце, внесе живост во нашата селекција и со четири поени во низа нè врати во игра на само три поени негатива (12-15). По позитивната серија на Македонија, гостите ги консолидираат своите редови и ги казнуваа нашите грешки и пак ја презедоа контролата врз резултатот, но во клучните моменти испуштија две сет топки и сетот влезе во трилер-завршница, кој на крај им припадна на нашите одбојкари (27-25).

Тензично и израмнето беше и на почетокот на вториот сет. Македонија бркаше негатива, но сè до 7-7, по кои влезе во ритам и докажа зошто важеше за фаворит на овој дуел. Речиси сите репрезентативци на Матијашевиќ се разиграа и го најдоа вистинскиот рецепт за Босанците кои пак немаа решение за нашиот напад и полека, но сигурно го губеа од раце и вториот сет. Во еден момент Македонија водеше и со шест поени разлика, но на крај до 2-0 во сетови стигна со четири позитива (25-21).

По лошиот втор сет, Босна и Херцеговина конечно заигра како на почетокот и поведе со 3-5, но нашите момци влегоа во серија од 5-0 и повторно ја имаа контролата врз резултатот. Сепак, гостите не дозволија пад како во вториот дел и најдоа решение за нашата игра и сетот влезе во неизвесна завршница. Беше 20-20, па следуваа позитивни минути за Босанците, кои како да ја научија лекцијата од првиот сет и се изборија за намалување на резултатот на 2-1. 

Загубениот сет како да ги освести нашите одбојкари, па четвртиот сет го отворија сигурно и веднаш наметнаа темпо на игра кои им направи сериозни проблеми на Босанците. Капитетнот Ѓоргиев повторно се разигра, а овој пат доби соодветна помош и од соиграчите, па резултатот беше сигурно водство кое не се испушти до крајот на натпреварот. Така со 25-19 во четвртиот сет Македонија се избори за посакуваната прва победа во квалификациите во Скопје. 

Следен противник за нашите момци е фаворизираната селекција на Турција, натпревар кој го играме в среда. Потоа следува нов судир со Босанците (в четврток), па квалификациите ќе ги затвориме в сабота против Турците.