Македонија пак го надигра Кипар и со пет победи ќе го отвори „фајнал-форот“ во Сребрената лига

Македонската одбојкарска селекција запиша уште еден успех во Сребрената европска лига и со скор од пет победи и само еден пораз ќе го отвори „фајнал-форот“ во ова натпреварување. Во рамки од последното коло од групата А, нашите одбојкари одново покажаа квалитет и моќ и со сигурни 3-1 по вторпат за само девет дена ја совладаа селекцијата на Кипар.

Избраниците на Матијашевиќ и на натпреварот во Данска немаа посериозни проблеми против кипарските одбојкари, иако овој пат загубија сет. „Спартанците“ без многу мака дојдоа до водство од 2-0 во сетови и ја контролираа играта, а имаа и соодветен одговор во моментите кога противникот знаеше да изненади и влезе во серија. Првиот сет беше крајно неизвесен, откако Кипар добро се држеше и не дозволуваше Македонија да се одлепи, но во самиот финиш нашиот квалитет дојде до израз, а тоа донесе и водство од 1-0 во сетови (22-25).

Вториот сет започна речиси идентично како и првиот, со многу борба и израмнета игра. Кон средината на сетот Кипар имаше предност од 9-8, но експресно ја испуштија и „спартанците“ влегоа во серија и со убедливи 18-25 обезбедија комотни 2-0.

Неизвесно беше и на стартот од третиот сет. Кипар одново отвори мотивирано и ефикасно и го имаше водството во свои раце, но овој пат не го испушти и со сигурни 25-18 намали на 2-1 во сетови. Сепак, кога беше најпотребно искуството и квалитетот на „спартанците“ се покажа на дело и Македонија со сигурни 22-25 се избори за нова победа за успешен крај на турнирот во Данска.

Покрај Македонија, која без разлика одличните настапи и петте победи, како домаќин обезбеди „фајнал-фор“, од групата А во завршницата ќе игра и селекцијата на Данска.