Македонија одново започна подобро, но вторпат дозволи пресврт на Бугарија

Македонската одбојкарска репрезентација го загуби и вториот тест натпревар на домашен терен проитв Бугарија (18-25, 25-17, 25-22 25-22) во рамки на 44-тото издание на турнирот „Бранко Хаџииљоски - Чајка“.

Нашиот национален тим започна подобро, но како и вчера, попушти во продолжението. Бугарите немаа одговор за нашиот напад на стартот, а нивните грешки помогнаа за избраниците на Матијашевиќ да поведат со рутинска игра во воведниот сет.

Следуваше одговор на гостинската репрезентација која речиси на идентичен начин дојде до израмнување. Николов сервираше беспрекорно и беше нерешлива дилема за нашите одбојкари. Токму неговиот ас-сервис донесе 1-1, а исто така и поголема самодоверба во редовите на бугарскиот тим.

Бугарските репрезентативци направија серија од 4-1 во клучниот трет сет кој се чини беше одлучувачки на денешната средба. Тоа се случуваше при резултат 21-21.

Четвртиот сет беше неизвесен, но и тој заврши во полза на Бугарија. Младиот Николов одново се истакна во клучните моменти. Направи еден ас за 24-21 и ја обезбеди победата на неговата екипа. Љафтов со 17 и Ѓорѓиев со 16 поени беа најефикасни за македонската репрезентација, а кај победникот се истакнаа Николов (14), Петков (14) и Димитров (12).

Следуваат два нови тест-натпревари против бугарската селекција, кои Македонија ќе ги игра на гостински терен.