Перфектна Македонија: Декласирана Црна Гора, осминафиналето на дофат!

Одбојкарската репрезентација на Македонија запиша голема победа над Црна Гора од 3-0 (25-22, 25-18, 25-20), со која е на чекор до осминафинале на Европското првенство. „Спартанците“ предводни од одличната атмосфера во СЦ „Борис Трајковски“ одиграа перфектна партија, не ѝ дозволија многу надеж на гостинската селекција и дојдоа до важен триумф. Теоретски, Македонија и натаму може да извиси за осминафинале, меѓутоа шансите за такво нешто се минимални, речиси непостоечки. 

Црногорците отворија подобро во Скопје, влегоа во добра серија и поведоа со 1-5. По освоениот поен од страна на Љафтов, на сцена стапи младиот Савовски кој со три блока едно по друго донесе егал (5-5). Иако капитенот Ѓорѓиев двапати погреши, Македонија презеде контрола. Некое време се играше поен за поен, нашите одбојкари беа тие кои водеа, а ривалот бркаше резултат. Првпат момците на Миленковски поведоа со три поени (14-11), но Црна гора не се откажа и се одржуваше во игра до 18-16. Тогаш следеше исчекор, поени по разноврсна игра и враќање на најубедливите +5. Македонија имаше пет сет топки (24-19), а ја искористи четвртата и со 25-22 дојде до предност. 

Во вториот сет се влезе пак израмнето, но Црногорците одново први дојдоа до поосетна предност од три поени (4-7). Сепак, Македонија успеа да се крене, заигра посигурно и врза серија од 7-1 со кои дојде до предност од 11-8. Одличната наша игра го тераше црногорскиот селектор двапати во краток рок да свика тајм-аут, меѓутоа ниту тоа не го извлече неговиот колектив. „Спартанците“ играа како по ноти, се разиграа сите актери на теренот, предноста достигна и седум поени (24-17), па сетот бепе добиен по втората сет-топка со 25-18. 

Одново на почеток на сегментот ривалот беше на нивото, меѓутоа како што одминуваше времето паѓаше концентрацијата. По воведната размена на поени, Македонија пак го крена нивото на игра, почнаа да се редат поени на Савовски, Ѓорѓиев и Љафтов, па се достигна предност од пет поени (10-5). Во следниот период немаше дополнително зголемување на предноста, меѓутоа се одржуваше маргината и се чекореше кон сигурна завршница на сетот. Црногорците успеаја да врзат мини-серија од 3-0, а потоа дојдоа и до негатива од само поен (16-15). По двата тајмаути на селекторите, Македонија пак направи предност. На сервис на Лука Савовски сериозно ни одеше, па тогаш се направи нов исчекор кон победата. По атрактивното забивање на Љафтов, нашите момци добија четири сет топки, а ја искористија веднаш првата преку Савовски за 25-20. 

Очекувано најефикасен беше капитенот Никола Ѓоргиев со 20 поени, по него следува Александар Љафтов со 13 поени и изненадувањето на вечерта блокерот Филип Савовски со 12 поени и девет блока.