Македонија немоќна и без шанси, Турција чисто до успех над „црвено-жолтите“

Одбојкарската репрезентација на Македонија го доживеа вториот пораз на Европското првенство (ЕП) во групата во Словенија и во вториот меч со 3-0 во сетови загуби од Турција (25-20, 25-23, 25-13).

Нашиот национален тим на овој дуел делуваше уморно и без шанси, а фалеше борбата и жарта во играта од претходниот меч со Финците, посебно во третиот сет. Турција лесно дојде до триумф над Македонија, имаше далеку подобар напад, подобра контра и подобар блок, ги неутрализираше нашите најдобри одбојкари во нападот, посебно капитенот Никола Ѓорѓиев и ја запиша првата радост на европскиот одбојкарски собир, по стартниот пораз од фаворитот во групата, селекцијата на Русија.

Првиот сет започна подобро за Турција и тоа траеше во текот на целиот. Со подобар прием и поголем процент на реализација на мрежа, Турците се одлепија на 8-6 и цело време диктираа темпо на игра. Македонија бркаше, но немаше сила да достигне, а дека противникот ќе го освои првиот сет беше јасно кога се имаше 23-19, позитива која Турците не дозволија да ја прокоцкаат.

Вториот сет, пак, беше далеку подобар за Македонија, но повторно како неискуството да исплива на површина во клучните моменти. Имавме предност од 9-11, па 10-12, но ја прокоцкавме, Турција дојде на 18-18, а потоа, со два успешни блока го сврте сетот во своја полза (21-19). Потоа, беше 23-22, а по поен на Лахумџија, следеше сет-топка за Турција, која Никола Ѓорѓиев ја одбрани, но потоа Кешкин со лукав поен го завери сетот за противникот.

Во третиот сет, Турција пак беше репрезентацијата која доминираше на отворањето. Се поведе со 9-2, па беше и 10-4, а откако фаворитот дојде и до 15-7, нашите одбојкари и селекторот како да се предадоа од чудо и јасно беше дека Турците ќе дојдат до 21 победа во 57 настап на Европските првенства.

Најдобар поентер кај Турција беше Лагумџија со 19 поени, додека кај Македонија двоцифрен учинок имаше Александар Љафтов кој заврши со десет поени.

Следниот меч за Македонија ќе биде утре попладне, од 17:30 часот, кога нашиот национален тим се среќава со главниот фаворит Русија. Турција, пак, оди на мегдан со домаќинот на групата Словенија.