Македонија ќе игра за реванш, Турција нова пречка за учество на ЕП

Одбојкарската репрезентација на Македонија денес ќе го има вториот предизвик во квалификациите за Европското првенство.

Противник ќе биде Турција, која како и нашиот национален тим, во првото коло ја совлада Босна и Херцеговина. Овој меч беше одлична можност за анализа од страна на македонската репрезентација. Последниот меѓусебен меч заврши во полза на Турците и тоа на убедлив начин на континенталниот собир пред две години.

Турската репрезентација важи за фаворит на денешната средба, но домашниот терен е она што ќе треба да биде мотивација плус за избраниците на Никола Матијашевиќ. Ривалот пристигна во Скопје без ниту еден тест натпревар, но во целосен состав, па тоа ќе биде уште еден предизвик за нашите одбојкари.

За успех, кој ќе нè однесе на чекор од нов настап на ЕП, ќе биде потребно перфектно издание на македонската селекција. Дуелот во Љубљана треба да ни биде одличен показател кои работи треба да ги поправиме, а кои да ги примениме за победа над турската репрезентација.

Натпреварот се игра во салата „Борис Трајковски“ со почеток од 18:00 часот.