Македонија и БиХ ќе играат за првото место на Меморијалот „Чајка“ во Крушево

Очекувани резултати и на вториот ден на турнирот „Чајка“. Сениорските репрезентации на Македонија и Босна и Херцеговина не дозволија изненадување и славеа над помладите противнички во второто коло на 46. меморијален турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“. 

Најдобрите македонски одбојкарки го загубија првиот сет, но потоа беа сигурни и се радуваа над селекцијата на Косово до 19 години со 3-1. Босна и Херцеговина, која е главен фаворит за првото место, делуваше моќно против македонската репрезетнација за одбојкaрки до 19 години и ја заврши работата со 3-0. 

По ваквите резултат во првите четири средби, сениорскиот национален тим на Македонија и Босна и Херцеговина имаат по две победи и во утрешниот меѓусебен дуел ќе решаваат за трофејот за најуспешниот на турнирот. Младинските тимови на Македонија и на Косово ќе играат за третото место, а што е поважно, нашите одбојкарки ќе имаат можност да одиграат уште еден натпревар во подготвителниот период за Европското првенство, чиј домаќин ќе биде Скопје. 

Претходно, репрезентацијата, предводена од Стефан Пауновиќ, ќе настапи на Балканијадата во Романија од 10 до 14 август.