Македонија ги дозна ривалите, во нов формат ќе брка прво злато во Сребрената лига

Македонските одбојкари ги добија ривалите за групната фаза на Европската сребрена лига на ЦЕВ за 2022 година. Со променет систем, со групна фаза во која најдобрата од четирите селекции ќе патува на завршниот турнир, Македонија се надева дека конечно ќе дојде до златниот медал во ова натпреварување. 

Ждрепката посака Македонија да се најде во групата Б, а за ривали ги доби Романија, Албанија и Босна и Херцеговина. Ќе се играат по два дуели со сите ривали, дома и на гости, па по шест кола најдобро рангираниот тим ќе се пласира понатаму. Дури и со пласман на втората позиција, постои шанса, ама таа ќе зависи од исходот во групата А. 

Сребрената европска лига стартува на 25 мај, со домашен дуел против Босна и Херцеговина, по што следи напорен распоред. Гостување кај Романија, па двомеч дома-гости со Албанија, пред домашен дуел со Романците и гостински со БиХ. 

  • Распоредот во Сребрената лига за Македонија: 

1 коло: Македонија - Босна и Херцеговина (25 мај)
2 коло: Романија - Македонија (28/29 мај)
3 коло: Македонија - Албанија (1 јуни)
4 коло: Албанија - Македонија (4/5 јуни)
5 коло: Македонија - Романија (8 јуни)
6 коло: Босна и Херцеговина - Македонија (11/12 јуни)

Завршниот турнир и битката за распределба на медали ќе се одржи во Унгарија на 18 и 19 јуни следната година. 

По четирите сребрени медали од седумте настапи во Сребрената Европска лига, Македонија се надева дека осмиот ќе биде среќен и конечно ќе се закити со златото.