МАКЕДОНИЈА Е НА ЕП: Турција на колена пред нашите „спартанци“!

Одбојката во Македонија е во голем подем. Вторпат во низа популарните „спартанци“ ќе играат на еден голем одбојкарски собир, откако вечерва момците на Матијашевиќ „изгинаа“ во клучниот натпревар против фаворизираната Турција и со победата од 3-1 (25-19, 21-25, 25-23, 25-18) се пласираа на следното Европско првенство. Со јубилејната 70-та победа во официјалните 152 натпревара, ние сме во престижното друштво.

На квалификацискиот турнир, кој се одржа во Скопје, Македонија запиша три победи и еден пораз и како второпласирана селекција повторно си обезбеди место во европскиот крем. Двапати бевме поуспешни од Босна и Херцеговина, а вечерашниот противник ни го нанесе единствениот пораз. Сепак, и покрај поразот, и Турција ќе биде дел од шампионатот на Европа, затоа што квалификациите ги заврши на првата позиција.

Македонија уште во првиот сет покажа волја и мотив дека нема да ја испушти историската можност и тргна ефикасно во напад и подвижно во одбрана, а тоа веднаш вроди со плод за водство од 1-0 во сетови (25-19). Сепак, во вториот сет фаворитот најде лек за нашата игра и константно си градеше позитива која на крај беше недостижна за Македонија, па резултатот беше израмнет на 1-1. 

Но, загубениот сет како да ги налути „спартанците“, па во следните два Турција беше надмудрена и надиграна за ново големо славје на паркетот во „Борис Трајковски“. Во третиот сет до нова предност стигнавме со минимални 25-23, додека во клучниот бевме далеку посмирени и поконцентрирани, па истиот го добивме со 25-18.

Капитенот Ѓорѓиев торпедираше со 24, Љафтов со 23 поени, Милев заврши со пет, Андонов и Николов со по четири, а техничарот Ѓорѓи Ѓорѓиев освои два поена. Македонската репрезентација одлично се бранеше од турскиот коректор Лагумџија и го задржа на 14 поени, а најефикасен беше примачот Субаши со 17. Тоа не беше доволно ривалот да го запре нашиот тим, но и тој се радуваа затоа што го освои првото место во групата Ц.

>>> ВИДЕО: Одбојкарите со „Бисер Балкански“ и оро го прославија новото ЕП!

>>> Николов: Сите жртви се исплатеа, стануваме редовни учесници на ЕП

>>> Ѓорѓиев: Кога бев мал навивавме за други... сега ја имаме нашата Македонија!

Македонија и теоретски е на шампионатот, како една од најдобрите второопласирани, бидејќи две селекции веќе се зад нас (Шпанија, односно Австрија или Бугарија).

Следното Европско првенство ќе се игра во четири држави (Чешка, Полска, Естонија и Финска), а Македонија допрва ќе го дознае своите противници во првата групна фаза.