Македонија без загубен сет ја доби Албанија во првиот контролен меч

Македонските одбојкари ја совладаа Албанија со 4-0 (25-23, 25-17, 26-24, 25-17) во првиот пријателски натпревар од затворен карактер во Скопје, во циклусот подготовки за завршницата од квалификациите за Европското првенство во 2019.

Во СРЦ „Форца“, двете репрезентации одиграа четири сета во меч од затворен карактер, а двата селектора тестираа повеќе договорени варијанти. Никола Матијашевиќ во првите два сета се реши да ги користи играчите од стандардниот состав, а потоа шанса доби и Александар Милков кој остави добар впечаток. Повратникот во репрезентативниот дрес,  Ѓоко Јосифов исто така влезе на теренот, но со оглед на паузата поради повреда, имаше ограничена улога.

Вториот контролен натпревар против Албанија е закажан за денес, во СРЦ „Кале“ во Скопје, а истиот ќе биде од отворен карактер и љубителите на одбојката ќе може да им дадат поддршка на нашите репрезентативци, пред завршните две средби од квалификациите за континенталниот собир наредниот септември.

На 5 јануари ќе играме на гости против Украина,а  четири дена подоцна ќе ја пречекаме Унгарија.