Маестралните Форнал и Леон режираа чудесен пресврт, Полска во олимписко финале по 1976 година

Одбојкарската репрезентација на Полска во драматичен меч успеа да ја совлада селекцијата на Соединетите Американски Држави со 3-2 (25-23, 25-27, 14-25, 25-23 и 15-13), обезбедувајќи второ историско финале за својата земја на Олимписките игри. Иако беа блиску до елиминација, Полјаците го свртеа мечот во своја полза и на крајот заслужено прославија пласман во мечот за златниот медал. 

Полска не го започна мечот како што посакуваше, иако го доби првиот сет во своја полза. Американците на Џош Спироу прикажаа одличен пристап во следните два сета и успеаја да направат пресврт, поведувајќи со 2-1. 

Вистинска драма се случуваше во четвртиот сет, Сoдинетите Американски Држави имаа водство од 20-18 и беа близу до затворање на триумфот, но Полска уште еднаш покажа зошто е голем тим и се врати на маестрален начин. Најпрво Томаш Форнал израмни на 20-20, а потоа Полска со четвртиот успешен блок на мечот, поведе со 22-21.

Во овие моменти брилираше и Вилфредо Леон, кој стигна до 22 поени пред почетокот на петтиот сет. Најголемата ѕвезда на Полјаците „симнуваше“ топки од 3,5 метри, не оставајќи никаква шанса за блокот на Американците. 

Леон во одличен стил ги постигна клучните поени во оваа делница, по што победникот мораше да биде решен во последниот сет. Европската селекција поведе со 3-1, a потоа продолжи во одличен ритам и имаше предност од три гола (8-5). Форнал освои поен на троен блок, а тука беше и феноменалниот Леон, па на крајот Полска го завери сетот со конечни 15-13. 

На крајот најдобриот поединец на средбата, Вилфредо Леон, запиша 26 поени и неговиот тим сосема заслужено ообезбеди второ финале на Олимписките игри. Кај Американците одличен натпревар одиграа Андерсон со 24 и Расел со 20 поени.

Противник на Полска во финалето ќе биде победникот од второто полуфинале помеѓу Франција и Италија.