Маџунков и Ѓорѓиев превентивно одмораат по ситните повреди

Селекторот на одбојкарската репрезентација на Македонија, Никола Матијашевиќ се соочува со првите проблеми со повреди на подготовките во Маврово. Само што им се приклучи Милков, нашите одбојкари се соочуваат со две отсуства. 

На повреда се пожали Филип Маџунков, а од пред неколку дена техничарот Ѓорѓи Ѓоргиев замина на терапии во Скопје. Маџунков се жали на болки во мускулот на потколеницата, па превентивно доби одмор на неколку тренинзи. 

Не е доведено во прашање приклучувањето на двајцата одбојкари на следните тренинзи, како и на подготвителните турнири во август пред Европското првенство. 

Европското првенство ќе започне на 12 септември, а во првото коло Македонија игра против Финска. Вториот меч е на 13 септември против Турција, додека на 14 септември ќе играме со фаворитот во групата Русија. На 16 септември нашите одбојкари ќе се судрат со Белорусија, додека последниот меч од групната фаза е на 17 септември против домаќинот Словенија.

Сите натпревари од првата групна фаза ќе се играат во Љубљана