• Мартин Танасковски

Одбојкарската репрезентација на Македонија активно се подготвува за Златната Европска лига. Со новиот селектор Јошко Миленковски се работи за формата, а своите видувања од подготовките ги сподели Филип Маџунков.
Македоскиот репрезентативец истакна дека оваа Европска лига ќе се искористи за воигрување на тимот и испробување на новите тактики, како најава за Европското првенство на кое Македонија е еден од домаќините.
„Тренинзите ни се со добар интензитет, некои играчи се надвор од тренажен процес повеќе, некои тукушто завршија со првенствата. Има уште многу работа, ќе пробаме да се прилагодиме на интензитетот и ќе видиме понатаму што ќе биде. Се надевам дека сите ќе сме здрави и дека ќе нема повреди, па до стартот на Европската лига да е се како што треба.
Од Европската лига може да се сплотиме и воиграме заедно како екипа, да пробаме тактики со новиот селектор, за претстојното Европско првенство. Сигурно е дека одиме на медал, не се откажуваме, ќе дадеме се од себе, ама примарна цел е да се воиграме како екипа“, изјави Маџунков.
Во Златната Европска лига, македонските одбојкари ќе играат со Белгија, Украина и Хрватска. Натпреварите стартуваат на крајот на месец мај.