• Саше Љолес

Македонската одбојкарска репрезентација ќе го одигра осминафиналниот дуел од Европското првенство и ќе има тешка задача против Италија во Бари.
Нашите „спартанци“ за првпат во историјата ќе играат во Топ-16 фазата од еден континентален собир, а свое видување за овој голем предизвик даде репрезентативецот Александар Љафтов.
„Повеќе не сме дома. Се навикнавме некако на Скопје, но сега дојдовме во Италија и полека се адаптираме на условите тука. Имаме мали проблеми, јас сум малку настинат, а и дел од другите играчи имаат благи симптоми, но мислам дека ќе бидеме во ред. Ќе играме и со настинка ако треба, нема да се откажеме. Се надевам дека ќе се прикажеме во солидно светло против актуелниот европски и светски првак.
Играме во земјата на најдобрата одбојкарска лига и најдобрата светска репрезентација. Ова е круна на мојата кариера, затоа што стигнавме до осминафинале на Европско првенство.
Мислам дека дел од нас не ни сонуваа за ваков успех, па затоа очекувам дека мотивацијата ќе биде на највисоко ниво и ќе се обидеме да оствариме што подобар резултат. Италија е многу силна, но ние видовме дека можеме да се носиме со најдобрите репрезентации. Секако дека на крајот би сакал да победиме и да направиме едно огромно изненадување“, заклучи Љафтов.
Италија ќе ја нагости нашата репрезентација во осминафиналето кое ќе се одигра во Бари. Натпреварот е закажан за деветти септември, со почеток во 18:00 часот.