Љафтов: Раните подготовки се добредојдени, оваа селекција може против секого

Веќе неколку дена македонската одбојкарска репрезентација во Скопје ја минува првата фаза на подготовки за Европското првенство во септември. Селекторот и неговиот стручен штаб одбраа поголем број на одбојкари кои ќе минат низ прв филтер пред да се преселат во Маврово.

Еден од поискусните одбојкари Александар Љафтов смета дека раниот почеток е добредојден за да не се направи поголем вакуум меѓу крајот на клупската сезона и почетокот на репрезентативните подготовки. 

„Подготовките минуваат малку здодевно, работиме само со суви тренинзи. Имаме голем број на одбојкари, селекторот сака да ги провери сите сили. Овие подготовки ни се добредојдени. Еве јас се вратив во тренажен процес по 40-дневна пауза.

Наскоро ќе започне следната фаза во Маврово, каде верувам дека добро ќе се подготвиме. Наша цел во Љубљана е втора фаза. Покажавме дека можеме да играме против секого. Со малку спортска среќа мислам дека можеме да ја оствариме целта“, рече Љафтов.

Македонија ќе одигра неколку контролни натпревари пред заминувањето во Љубљана во втората недела од септември.