Љафтов: Работиме на технички и физички план, најважно е да издржиме во овој ритам

Одбојкарите на Македонија во полна пареа ги одржуваат подготовките во Маврово. Под палка на селекторот Никола Матијашевиќ, македонските репрезентативци ја креваат формата пред пријателските натпревари во пресрет на дебитантскиот настап на Европското првенство во септември.

Свои импресии од досегашните четири дена подготовки ги кажа примачот Александар Љафтов.

„Многу работиме на технички план затоа што сакаме да бидеме максимално воиграни. На физички план, исто така можам да кажам дека се подготвуваме квалитетно, тренираме комбинирано на стадион и во сала за товар, така што мислам дека максимално ќе ја искористиме подготвителната етапа во Маврово. Најважно е да издржиме во овој ритам, па финалната глазура на формата да ја направиме со контролните натпревари“, вели Љафтов.

Континенталниот собир за нашата селекција ќе започне на 12 септември против Финска.