Љафтов: Не ветувам финале или Ф4, сакам само да бидеме на врвно ниво

Александар Љафтов, еден од поискусните македонски репрезентативци во одбојкарскиот тим, го најави стартот на Златната лига која ќе биде подготовка за Македонија за настапот на Европското првенство на кое сме едни од организаторите.

Струмичанецот со големо интернационално искуство зад себе вели дека новиот селектор Миленковски донел добра енергија, па сите мотивирано го чекаат стартот на Златната лига против Украина.

„Се наближуваат натпреварите во Златната лига и првиот меч ни е против Украина која ќе ја играме на неутрален терен во Полска. Се подготвивме добро во Маврово и во Скопје, ја имаме третата недела на подготовки, работиме со желба и ентузијазам и спремни сме за победа. Околу Украина се работи за добар противник, но ние сме доволно искусни, сега и со нов селектор, работите одат многу добро. Досега во најдобри услови ги имаме подготовките, така што верувам дека ќе направиме добри резултати. Не можам да ветам финале или Ф4, сакам само да бидеме добри, здрави и да ја играме нашата игра, па така може се да си дојде во најдобар ред“, вели Љафтов.

Покрај со Украина, Македонија во Златната лига е во група со Хрватска и Белгија. Натпреварот со Украинците е закажан во сабота.