Љафтов: Натпреварот го реши душата, срцето и химната од која ми се насолзија очите

Еден од најдобрите одбојкари на Македонија, Александар Љафтов, беше особено емотивен по воведната победа на Европското првенство. Во СЦ „Борис Трајковски“ падна Данска со 3-1, триумф кој може да биде многу важен на патот кон следната фаза. 

Љафтов не ги криеше емоциите, тој нагласи дека одличната атмосфера, решителноста на тимот и химната која му ги насолзила очите, биле само дополнителен мотив од оној натпреварувачкиот. 

 „Натпреварот го реши душата, срцето и Македонија. Решителноста ја краси оваа репрезентација отсекогаш, па статистиката е во втор план. Одлучи душата, атмосферата во салата и химната од која ми се насолзија очите. 

Одиме на ист начин против Црна Гора. Можеме подобро, имавме денес и грешки во повеќе сегменти. Мора да ги надминеме негативните страни, меѓутоа, ете, нека имаме и повеќе грешки, ама да ги победиме Црногорците.  Сега е потребно емоциите да слегнат, бидејќи в сабота ни следи уште еден навистина тежок натпревар“, изјави Љафтов. 

Избраниците на Јошко Миленковски се слободни в четврток и петок, а веќе в сабота следи уште еден клучен меч, со Црна Гора.