Љафтов: Ќе има трема и грч, но ќе се бориме за секој поен

Македонските одбојкари го одработеа последниот од четирите тренинзи во Марибор и се упатија кон Љубљана каде што од четврток до вторник ќе ги играат натпреварите од групата Ц на Европското првенство. Во долгата низа прашања што и како на отворањето против Финците, примачот Александар Љафтов има своја теорија за натпреварот на отворањето.

„Во мислите треба да имаме дека можеме тоа да го направиме. Прв натпревар е, можеби ќе има трема, мал грч, но дури и да го загубиме првиот сет, не треба да се предаваме, треба да се бориме до крај за секој последен поен. Знам дека можеме да го направиме тоа”, убеден е примачот Александар Љафтов.

Натпреварувачкото ниво е поинакво, па македонските одбојкари треба да одговорат соодветно. Фаворитската улога со задоволство ја препуштаат на противниците, но има и поинакви размислувања.

„Јас ќе бидам првиот што ќе кажам дека сме поквалитетни од нив и навистина верувам дека в четврток ке ја израдуваме македонската јавност”, оптимистички тонови праќа средниот блокер Ристо Николов.

Големата сцена и престижното друштво истовремено се мотивација и товар. Сите во националниот состав се свесни за тежината на настанот и за шансата за поединечна и за тимска промоција. Ова несомнено треба да бидат денови за незаборав за македонската одбојка.