Љафтов: Црна Гора е поважна од Данска, сонот може да ни стане реалност

Одбојкарската репрезентација на Македонија одбројува до вториот меч на Европското првенство (ЕП) на кое нашата земја е еден од домаќините. По стартната победа над Данска, следи меч со балканскиот ривал Црна Гора.

Дуелот го најави Александар Љафтов, кој истакна дека овој натпревар е уште поважен од оној првиот, а воедно е и шанса да се оствари сонот, а тоа е пласман меѓу шеснаесетте најдобри во Европа со евентуален триумф.

„Средбата со Црна Гора е уште поважна од првата со Данска и само со ладни глави и смирено, концентрирано, уште помотивирано од првиот меч, може да си ја завршиме работата и да дојдеме до резултатот кој го посакуваме. Со евентуална победа сонот може да ни стане реалност, а тоа е да бидеме меѓу шеснаесетте најдобри репрезентации во Европа“, изјави Љафтов.

Црногорците го отворија ЕП со максимален пораз од Холандија. Дуелот во СЦ „Борис Трајковски“ се игра утре (сабота) од 20:00 часот.