Лирија го фати последниот „воз“ за влез во втората фаза

Лирија обезбеди место во Втората фаза-1 во најсилната машка одбојкарска конкуренција кај нас, откако го совлада Штип УГД во три сета во директната пресметка за влез меѓу првите шест на табелата. Тимот од Жеровјане славеше шести пат сезонава, а тоа беше доволно за да го остави гостинскиот соатав зад себе. Есенскиот дел без грешка го мина актуелниот првак Струмица 47&72, со полесен тренинг во саботните натпревари со 3-0 проти Дибра волеј, а втора е Шкендија која заврши со девет триумфи, минатиот на жешкиот терен во Велес против ГОК Борец, и тоа со пресврт откако противникот ги доби првите два сета. 

На влезот во наредниот натпреварувачки сегмент велешани ќе бидат четврти затоа што имаат шест успеси, еден помалку од Универзитет во Тетово кој имаше лесна задача кај Македонија Џио. Вардар фати приклучок по лошиот почеток на сезоната и со шест победи во низа, меѓу коишто и онаа кај Весна Пробиштип, исто така, доби шанса да игра за влез во полуфиналето. Во Втората фаза-1 најдобрите шест екипи ќе минат десет кола според принципот „секој против секого“.

Прва лига (мажи)
Деветто коло:

Лирија – Штип УГД                                        3-0 (25-23, 25-21, 25-15)
Македонија Џио – Универзитет во Тетово  0-3 (15-25, 13-25, 5-25)                  
Весна Пробиштип – Вардар                         0-3 (14-25, 14-25, 15-25)
Струмица 47&72 – Дибра волеј                   3-0 (25-12, 25-11, 25-14)
ГОК Борец – Шкендија                                  2-3 (25-20, 25-16, 21-25, 22-25, 13-15)
Слободна: Јанта волеј