Лига на нации: Франција и САД прелесно обезбедија меѓусебно финале во Болоња

Спротивно од домашната јавност и фановите во арената во Болоња, во финалето на Лигата на нации во одбојка за мажи ќе играат олимпискиот победник Франција и селекцијата на Соединетите Американски Држави. 

Американците прелесно го надиграа светскиот првак Полска, само два дена откако покажаа моќ и во дуелот против Бразил во четвртфиналето. „Јенките“ славеа со 3-0 во сетови (25-22, 25-23, 25-13).

Иако се очекуваше поголема борба во второто полуфинале, Франција ја декласира Италија со 3-0 (25-22, 25-20, 25-15). Во ниту еден момент „аѕурите“ не беа компетитивни и не го донесоа ниту сетот до драма. Утре светот ќе добие нов победник на Лигата на нации, најскапото натпреварување во светот на репрезентативната одбојка.

Италијаните нема да можат да го остварат сонот и да ги освојат и машката и женската Лига на нации.