Лидерот остана непоразен, Џио Струмица со пресврт го доби Универзитет во Тетово

Екипата на Џио Струмица остана без пораз и го доби дербито против Универзитет од Тетово на домашен терен (24-26, 25-15, 25-19, 25-16) во 11. коло од Првата државна лига на Македонија.

Првиот сет донесе израмнето надигрување, во кое првата иницијатива ја презеде домашниот тим. Поведе со 9-4, меѓутоа тетовчани одговорија со своја серија и во продолжението стигнаа до егал. Се чинеше дека клучна серија за гостите ќе биде онаа по која стигнаа до прво водство на мечот (17-19). Потоа имаа и три сет топки, но репрезентативецот Милев со неколку добри сервиси обезбеди 24-24. Тоа не беше доволно за да се спречи гостинско водство, бидејќи расположениот Симовски и еден блок донесоа предност за Универзитет од Тетово.

Сосема поинаква слика донесе вториот сет во која целосно доминираа струмичани. Уште од самиот почеток се одлепија и практично во раната фаза го одлучија освојувачот на сетот. Предноста во одбредени моменти беше двоцифрена, за на крај да изнесува 25-15.

Пресвртот беше комплетиран во третиот период од мечот. Џио Струмица ги искористи многуте технички грешки на противникот и со серија од 9-0 стигна до прво чувствителна предност од 14-6. Тоа не донесе никаква дилема кој ќе стигне до предност од 2-1 во сетови.

Домашните одбојкари полесно го читаа ривалот како што одминуваше мечот и тоа им ја олесни работата. Непоразениот лидер брзо го одлучи исходот на четвртиот сет, поведувајќи со 11-6. Нападот на гостинот застана, а тоа донесе рутинска завршница без неизвесност.