Лидерот Џио Струмица на сериозен испит во Тетово

На прв поглед, саботните натпревари во петтото коло од Втората фаза во македонскиот машки одбојкарски шампионат се лесни за прогноза, а тоа значи дека некои од екипите ја носат фаворитската улога. Во елитното друштво, Вардар ќе го пречека ГОК Борец со амбиција третпат сезонава да слави над противникот од Велес, а на тој начин да се врати на победнички патеки по двата пораза од водечките состави. Без разлика на резултатот, црвено-црните не можат да го загрозат второто место на Универзитет во Тетово, како што и ГОК Борец не може да напредува од четвртата позиција. Низата од пет порази во првенството од коишто четири се во овој натпреварувачки сегмент, целосно го опишуваат квалитетот во водечкиот квартет, па станува се поизвесно дека вардарци ќе немаат сили да им парираат на Универзитет во Тетово и на Џио Струмица.

Дербито, исто така, нема да може да ги промени позициите на табелата, затоа што струмичани имаат максимални 13 триумфи досега, од нив два против директниот конкурент, но двата на свој терен. Понеделничкото соочување ќе биде прво во спортската сала „Млади“ во којашто сезонава се радуваше само Вардар. Евентуален триумф на последниот освојувач на двојната круна кај нас веројатно ќе значи дефинитивен крај на трката за првото место пред полуфиналето од разигрувањето. Оттука, тетовци ќе се обидат да ја минат бариерата, а со тоа да му се доближат на ривалот на негатива од две победи.

Мечот на Весна Пробиштип и на Штип УГД Штип би требало да донесе неизвесност во оваа рунда од Втората фаза-2. Во локалната пресметка штипјани ќе влезат со шест, а зелено-црните со четири успеси, така што каков и да е резултатот, екипите ќе го задржат пласманот. Штипјани ја добија првата средба есеноска, но дури и со втор триумф над Весна Пробиштип, нема да можат да напредуваат затоа што Лирија ќе игра со Дибра волеј, а доколку гостите не направат чудо, тогаш тимот од Жеровјане ќе остане втор во оваа конкуренција. Прва е Шкендија којашто по петтото коло секако ќе остане лидер без оглед како ќе одигра на теренот на Јанта волеј. Тетовци имаат три победи повеќе од Лирија, па можат мирно да се подготвуваат за настапот во куп-полуфиналето откако не успеаја да влезат во првата четворка во првенството. Јанта волеј, пак, исчекори во однос на последнопласираната Дибра волеј и сега може да направи обид да ја достигне Весна Пробиштип.

Прва лига (мажи), Втора фаза-1, (Петто коло)
Вардар – ГОК Борец (сабота, 17:00)
Универзитет во Тетово – Џио Струмица (понеделник, 18:00)

Прва лига (мажи), Втора фаза-2, (Петто коло)
Јанта волеј – Шкендија (сабота, 14:30)
Весна Пробиштип – Штип УГД Штип (сабота, 13:30)
Лирија – Дибра волеј (сабота, 20:00)