Лесни победи за одбојкарките на Вардар жени и Работнички Скопје

Екипата на Вардар жени 2019 се врати на победнички патеки и го обезбеди првото место во нашиот женски одбојкарски шампионат по половина од Втората фаза-1. Откако го претрпеа единствениот пораз досега во пресметката со Струмица жени, скопските „црвено-црн“и убедливо славеа на гостувањето кај Наковски волеј, па нивната челна позиција не може да биде загрозена без оглед на епилогот на денешнот натпревар меѓу Струмица жени и Јанта волеј Кисела вода. Во него, домашниот тим ќе игра за осмата првенствена победа, а доколку биде изразена со три бода, тогаш ќе се врати на третата позиција на табелата.

Мотив може да биде реванш за домашниот пораз во првиот меѓусебен сезонски дуел, кога во второто есенско коло, составот од Кисела вода славеше со 3-2. Тој успех придонесе Јанта волеј да биде второпласиран со само еден пораз на десет лигашки меча сезонава, но дури и да се радува со убедлив резултат, поради бодовната состојба, нема да може да биде лидер по петото коло од елитниот натпреварувачки сегмент. Ако се земат предвид само резулатите од него, денешните ривали остварија идентичен биланс (3-1), скопските одбојкарки загубија од Вардар, а струмичките од Работнички Скопје, така што тоа е показател за тесната трка за распределба на четирите почетни позиции во разигрувањето.

Во ова друштво е и последниот одвојувач на двојната круна кај нас, Работнички Скопје, кој на двата лигашки пораза по ред одговори со очекуван триумф над Универзитет во Тетово со 3-1. Противникот има големо заостанување и јасно е дека нема да може да се вклучи во битката за влез во водечката четворка, а и Наковски волеј нема некоја светла перспектива во тој контекст, затоа што загуби на четири од петте настапи во главниот сегмент и пред него е тешка задача за да може да исчекори од петтото место.

Во Втората фаза-2, односно во надигрувањето за конечен пласман од 7-14 место во сезоната 2020/21, во најдобра форма е дебитантот Фит фан волеј кој има максимални пет победи, последната во саботата во Струмица против Виктори волеј со 3-1. Младите одбојкарки на Јанта волеј Форца очекувано го совладаа последнопласираниот Бами Кор со 3-0 и останаа на негатива од една победа во однос на Фит фан волеј, а зад нив е Пелистер волеј, кој има двата триумфа помалку, но и натпревар за доигрување. По два пораза, битолчанки во саботата се вратија на вистински курс со успех во Кичево на гостувањето кај Ускана која загуби двапати едноподруго откако славеше на првите три меча во оваа фаза, а во ритам влезе и Македонија Макс со три триумфи во низа, овој пат во Штип против УГД Студент со 3-1. На тој начин, струмичката екипа го прескокна саботниот противник и сега е на петтото место во Втората фаза-2, што значи на единаесетто во вкупното рангирање.

Прва лига (жени), Втора фаза -1, (Петто коло)
Наковски волеј – Вардар жени 2019 0-3 (10-25, 16-25, 13-25)
Работнички Скопје – Универзитет во Тетово 3-1 (23-25, 25-17, 25-17, 25:-6)
Струмица жени – Јанта волеј Кисела вода (денес, 18.00)

Прва лига (жени), Втора фаза -2, (Петто коло)
Виктори волеј – Фит фан волеј 1-3 (16-25, 25-23, 14-25, 18-25)
Јанта волеј Форца – Бами Кор 3-0 (25-17, 25-19, 25-16)
Ускана – Пелистер волеј 0-3 (22-25, 22-25, 10-25)
УГД Студент – Македонија Макс 1-3 (19-25, 17-25, 25-18, 23-25)