Лесни победи на фаворитите, конечно домашна радост и за УГД Штип

Откако Вардар славеше над Универзитет во Тетово во средата во дербито од воведот во Втората фаза -1 во машкото македонско одбојкарско првенство, немаше изнендувања, ниту, пак, беше тешко да се прогнозираат резултатите од другите натпревари пред зимската пауза во Првата лига. Џио Струмица се радуваше над ГОК Борец вторпат сезонава, сега во својата сала со 3:0, со што последниот освојувач на двојната круна го заокружи перфектниот настап досега. Струмичани имаат макимален број победи (10) и бодови (30), а Вардар е единствен којшто успеа да освои сет протв нив. Црвено-црните се третопласирани поради полош сет-количник од Универзитет во Тетово, а ГОК Борец направи голем резултат со настапот во главниот натпреварувачки сегмент, но според сите објективни параметри, тешко е да се верува дека ќе може да им ги помати сметките на фаворитите за титулата.

Во Втората фаза -2, Шкендија одигра лесно против Дибра волеј и со шест победи ќе го чека продолжението на сезоната. Првото место во ова друштво ќе значи вкупно петто во конечното рангирање за 2020/21. Барем засега, единствен којшто може да ја предизвика Шкендија е составот на Штип УГД Штип со пет триуумфи, последниот, а втор по ред беше против Јанта волеј. Лирија забележа четири победи за трета позиција во оваа конкуренција, а во саботата тимот од Жеровјане уште еднаш го искористи домашниот терен против Весна Пробиштип. Зелено-црните се вкупно осми со два триумфа, Јанта волеј има еден, а на дното е Дибра волеј без ниту освоен сет досега.

Со натпреварите од првото коло во Втората фаза заврши есенскиот дел од лигата, а наредниот период ќе биде репрезентативен. Макеонскиот национален тим ќе се подготвува за јануарските квалификации за Европското првенство во 2021-ва, а првенството ќе продолжи во февруари и според првичниот календар, би требало да заврши до крајот на април.

Втора фаза-1, (Прво коло)
Универзитет во Тетово – Вардар 1-3 (20-25, 25-21, 21-25, 19-25)
Џио Струмица – ГОК Борец 3-0 (25-15, 25-20, 25-17)

Втора фаза-2, (Прво коло)
Шкендија – Дибра волеј 3-0 (25-13, 25-15, 25-17)
Штип УГД Штип – Јанта волеј 3-0 (25-12, 25-21, 25-14)
Лирија – Весна Пробиштип 3-0 (25-21, 25-23, 25-7)