Легендата Вања Грбиќ ќе одржи демонстративен час во Скопје како гостин на Јанта Волеј

В среда во Македонија ќе се одржи голем спортски настан. Гостува еден од најдобрите и најпопуларни одбојкари во историјата, прославениот Србин Владимир Вања Грбиќ, кој од 19:00 до 21:00 часот ќе одржи отворен демонстративен тренинг во Скопје, во салата „Независна Македонија“ до ОУ “Невена Георгиева Дуња“, во Кисела Вода.

Грбиќ беше прогласен за најдобар одбојкар во Европа. Заедно со брат му Никола и со Бугаринот Златанов се единствени одбојкари од Балканот избрани за членови на светската куќа на славните во Холиоке (САД). Награден е за животно дело од Европската одбојкарска Федерација.

Играше 23 години на три континента, од што 15 година беше репрезентативец. Со СР Југославија и Србија и Црна Гора освои десет медали од најголемите натпреварувања (ОИ, СП, ЕП и Светската Лига), меѓу кои и злата од Олимписките игри во 2000 година и Европскот првенство 2001 и сребро од Светкото првенство во 1998 година.

Член е на Комисијата за развој на светската одбојка при Светската Одбојкарска Федерација (ФИВБ), а беше и прв потпретседател на ОС на Србија. Налето во Соко Бања (Србија) ќе го одржи својот трет одбојкарски камп, на чија премиера (како и минатата година на Златибор) имаше учесници од 19 земји.

Организатор на настанот е ОК Јанта Волеј од Скопје, поточно неговиот основач и шеф на стручниот штаб Горан Јаневиќ-Јанта, поранешен наш истакнат сениорски репрезентативец, кој во дресот на Македонија играше и на двата меча против Југославија, за која играше и неговиот врсник Грбиќ во средината на 90-те години.

Јаневиќ со години важеше за еден од најдобрите на неговата позиција (либеро) во нашата Лига. Повеќе години беше селектор на неколку женски репрезентации во различни категории.

„Тренингот е отворен за сите одбојкар(к)и и љубители на овој спорт. Очекуваме масовност, пред се од околу 200-те одбојкар(к)и, колку што ги има во нашиот клуб. Многу ми е драго што почнав соработка со таков калибар на човек, играч, тренер, аниматор на одбојката и хуманитарец, каков што е Грбиќ, кој ми беше идол, иако сме иста генерација“, ни изјави Јаневиќ.

ОК Јанта Волеј постои 14 години. Двапати беше шампион и вицешампион кај сениорките, а од сезоната 2006/07 непрекинато игра во младинските лиги. Единствен клуб е во Македонија кој се натпреварува во сите категории, од пионер(к)и до сениор(к)и. Овој клуб освоил над 20 медали во сите категории. По неколкупати шампионки станаа јуниорките, кадетките и пионерките.