Лазаровска: Играме со бранителот на Куп-трофејот, победникот ќе го решат нијанси!

Тренерот на екипата на Младост УГД, Кристина Лазаровска, ги изнесе своите очекувања за полуфиналниот натпревар во Купот на Македонија, каде нејзините избранички ќе се соочат со директниот конкурент за титулата, Наковски Волеј. 

Ждрепката сакаше да ги „смести“ најдобрите екипи во една од полуфиналните двојки, а Лазаровска смета дека победникот ќе го решат мали нијанси на теренот. 

„Пред нас е еден исклучително интересен и квалитетен натпревар. Самата ждрепка сакаше најдобрите два тима од првенството да се сретнат во полуфиналето, што дополнително кажува за квалитетот на овој дуел.

До полуфиналето стигнавме победувајќи исклучително тежок ривал, ланскиот финалист Јанта Волеј и заслужено сме тука денеска. Влегуваме мотивирани и ќе дадеме се од себе за да стигнеме до големото финале.

Наковски Волеј е квалитетна екипа и искуството од играње на вакви големи натпревари е на нивна страна, но верувам дека во дуелот ќе пресудат нијанси. За нас тоа претставува мотив плус за да одиграме поконцентрирано и помотивирано.

Нека победи подобриот и се надевам дека публиката ќе гледа интересен и квалитетен натпревар“, заклучи Лазаровска. 

Младост УГД се среќава со Наковски Волеј во големото дерби кое ќе се одигра на 26 март. Стартот на мечот е закажан за во 19:30 часот.