• Саше Љолес
Oдбојкарскиот клуб Штип УГД испишува нова историја, овој пат европска - со деби настап во Челинџ Купот против екипата на Кол Ил од Норвешка, екипа која исто така ќе го има своето премиерно претставување во европски рамки.
Од таборот на штипјани најавуваат дека атмосферата е позитивна и очекуваат добри изданија во двомечот со Норвежаните.
„Околу атмосферата во екипата можам да кажам дека е доста позитивна. Сите сме свесни за овој голем натпревар, за нас историски, прво европско натпреварување од ваков тип општо за нашиот клуб и на поголема сцена и градот Штип.
Во врска со играчите мислам дека сите се спремни, доста мотивирани, напорно работеа сите во изминатиот период, тоа можеме да кажеме дека имавме неколку контролни натпревари на почетокот на сезоната со појаки екипи, кои што ни служеа чисто да ги видеме нашите недостатоци на што повеќе на посветиме внимание.
Имавме голем период, поточно месец два да ги санираме тие работи“, изјави капитенот на ОК Штип УГД, Ѓорги Крстевски.
Првиот меч се игра во Норвешка веќе во среда, а реваншот ќе биде на 19 ноември. Атмосферата во таборот на штипјани е одлична пред првиот историски европски предизвик.
Норвешкиот тим е постар од штипскиот, се работи за доста искусна екипа, но сепак тоа не треба да претставува проблем за нашиот претставник. Реваншот нема да се одигра во Штип, туку во салата СРЦ „25 Мај“ во Радовиш, каде штипјани ќе го пречекаат норвешкиот тим.
Кол Ил е сериозен тим кој има одлично отварање на новата сезона, а минатата сезона бил вицешампион во Норвешка. Штипјани се подготвени за големиот европски предизвик, утре тимот заминува за Норвешка, во среда следува дебито на меѓународната сцена.
Возвратниот дуел се игра следната среда (19 ноември) во Радовиш. Штипјани веруваат во своите квалитети и најавуваат европски победи за испишување на нова клупска историја.