• Мартин Танасковски
Одбојкарската репрезентација на САД обезбеди пласман во полуфиналето на Лигата на нации, откако со максимални 3-0 во сетови ја совлада актуелната светска шампионка Италија. Американците славеа со 25-22, 25-21 и 25-21 и така го прекинаа настапот на Италијанците уште во четвртфиналето.
Иако дуелот беше најавуван како дерби на четвртфиналната рунда, Американците целосно доминираа и не им дозволија на Италијанците да влезат во ритам. Клучна улога одигра одличниот сервис, со кој репрезентативците на САД освоија дури 14 аса.
Најефикасен во победничкиот состав беше Хејнс со 21 поен, од кои 13 од напад, два од блок и дури шест директно од сервис. Голема поддршка имаше од искусниот Мет Андерсон, кој натпреварот го заврши со 15 поени. Кај Италија, Романо беше најрасположен со 16 поени, додека Ботоло додаде 14 поени.
Во борбата за место во големото финале, САД ќе се соочат со Јапонија, која претходно ја елиминираше Кина.