Косово не беше закана, нова победа на „спартанците“ во Европската лига

Одбојкарската репрезентација на Македонија забележа убедлива победа од 3-0 против селекцијата на Косово во петтото коло од лигашкиот дел од Европската лига.

Нашите одбојкари одиграа доминантен натпревар и уште од самиот почеток ја наметнаа својата игра. Првиот сет Македонија го доби убедливо со 25-12, оставајќи му на домаќинот минимални шанси.

Во вториот сет Косово покажа нешто повеќе отпор, но „спартанците“ повторно беа сигурни и славеа со 25-19 за водство од 2-0. Најдраматично беше во третиот сет, каде домашната селекција во поголемиот дел имаше предност, но Македонија со пресврт во самиот финиш покажа карактер и квалитет, па го доби сетот со 27-25 за конечни 3-0.

Ова за Македонија е трет триумф во пет натпревари во Европската лига, а во следното коло нашата селекција ќе се соочи со Израел. Најпрецизен во нашиот табор беше капитенот Никола Ѓоргиев со 15 поени.