Карановиќ: Планот е националните првенства да добијат разврска во јуни

На вeчерашната видео конференција меѓу челните лица од спортските федерации од земјава, наречена „Спортот во услови на ковид-19“, учество зедоа претставници од кошаркарската, фудбалската, одбојкарската, ракометната федерација и претставник од Македонскиот олимписки комитет. 

Генералниот секретар на Одбојкарска федерација на Македонија, Зоран Карановиќ зборуваше за препораките од ЦЕВ и како тоа го засега националниот тим на Македонија. Тој нагласи дека одбојкарите имаат желба да ги одиграат квалификациите за Европското првенство, но нема да го исполнат настапот во Златнатa лига на Европа. 

„Седиштето на ЦЕВ во Луксембург досега не ги прекина сите натпревари, туку истите се само одложени. Нашата сениорска машка репрезентација ја очекуваа средби од Златната лига на Европа и квалификациите за Европското првенство, кои требаше да се одиграат во периодот мај/јуни и август/септември. Во разговор со луѓе од федерацијата на Европа, ни најавија дека ќе има состанок на челниците на ЦЕВ, па по него би требало да добиеме нови препораки. Според тоа што досега се знае е дека Златната лига нема да се игра, а остануваат само квалификациите за Европско првенство, каде постојат три сценарија.

Првото и за нас најповолно, е дека ќе се игра по планот односно на крајот на август, второта е да се поместат натпреварите за крајот од септември и за нас најлоша варијанта е истите да се преместат за јануари 2021 година“, започна секретарот на Одбојкарската федерација на Македонија. 

Освен за националниот тим, претставникот на федерацијата се осврна и на првенствата во машка и женска конкуренција, кои моментално се на пауза. Сепак, тој најави дека желбата на засегнатите страни е истите да добијат разврска во јуни. 

„ Кога сме кај националните првенства, тие се делат на три групи. Дел од земјите одлучија да нема шампиони, а во евро-куповите да се пласираат според минатогодишните коефициенти. Втората група се оние федерации кои прогласија прваци според пласманот при прекинот на лигите и последната во која сме и ние сè уште нема одредено разврска.

Одбојкарската сезона трае до 30 јуни и во консултација со прволигашките екипи, сакаме по крајот на вонредната состојба да се доигра првенството во јуни, секако доколку добиеме дозвола од надлежните органи. Екипите би добиле по десетина дена да се вратат во тренажен процес, а ќе се постигне консензус да играат само најдобрите четири екипи од машка и женска конкуренција. Мечевите би се одиграле во јуни, а форматот останува да се договори“, заврши Карановиќ. 

Одбојката во Македонија е стопирана пред повеќе од еден месец, а нема да се врати ниту во мај на терените. Секако и при евентуално продолжување според планот, многу веројатно е дека истото ќе биде со многу рестрикции и во празни сали.