Капитенот Ѓорѓиев ја има најслатката поддршка на патот кон ново ЕП

Одбојкарската репрезентација на Македонија е во борба за ново Европско првенство во својата историја, но на натпреварите кои се играат во Скопје, против БиХ и Турција, ќе мора да игра без публика поради пандемијата со коронавирусот.

Семејствата на сите членови на националниот тим навиваат од пред ТВ-екраните, а најслатката поддршка ја има капитенот Никола Ѓорѓиев. Неговата ќеркичка Марија будно го следи секој потег на тато и тоа во дрес во боите на Македонија, со нејзиното име.

Македонија ги отвори евроквалификациите со победа над БиХ, а следи уште еден натпревар со балканската селекција, за потоа, во текот на викендот да се играат уште два натпревари против Турција.

Најдобриот во групата, како и петте најдобри второпласирани репрезентации ќе играат на Европското првенство во одбојка. Македонија веќе еднаш направи подвиг, во 2019 година, кога се пласира на континенталниот собир во Словенија.