• Мартин Танасковски

Одбојкарскиот клуб Пелистер го претстави првото големо засилување за новата сезона. Нова членка на битолскиот тим е канадската одбојкарка Натали Фанк, која пристигнува од престижниот универзитетски тим на Британска Колумбија Оканаган.
Фанк е родена во 2002 година, настапува на позицијата примач, а со своите 191 сантиметар ќе претставува значително засилување за Пелистер во претстојната сезона.
Во текот на својата универзитетска кариера оствари бројни успеси. Таа трипати беше прогласена за најкорисна одбојкарка на својот тим, а ја доби и наградата за спортист на генерацијата на Универзитетот во Британска Колумбија Оканаган.
Покрај клупските признанија, двапати беше повикана на селективните подготовки на програмата НекстГен Тим Канада, која е наменета за развој на идните канадски репрезентативки.