• Иван Димовски
Одбојкарската репрезентација на Македонија ќе ги одигра последните два натпревари од Европската лига во Приштина, против домаќинот Косово денес и Израел утре.
Пред новите европски предизвици своите очекувања ги сподели еден од дебитантите Ване Јованов.
„Четири натпревари во кои имаме две победи и два порази се зад нас. Со сите промени во составот и подмладувањето на репрезентацијата, мислам дека од натпревар во натпревар играме се подобро и полека влегуваме во посакуваниот ритам. Сметам дека покажавме карактер и добра игра против силни селекции како Холандија и Грција. Сега целосно сме фокусирани на натпреварите со Косово и Израел. Без оглед на ранкингот и името на противникот, на секој натпревар приоѓаме со максимална сериозност. Работиме на нашата игра и на тоа да го дадеме максимумот на теренот. Верувам дека со добра тимска игра ќе дојдеме до позитивни резултати и на овој турнир“, вели либерото Јованов, кој од овој прозорец е ново име во националниот тим, но одлично се вклопи во екипата.
Македонија денес од 20:00 часот ќе се судри со Косово, додека утре во истото време игра против Израелците.