Јанта Волеј сака да испише нова историја, француски Волеро гостува во Скопје

Македонскиот женски одбојкарски шампион, Јанта Волеј, успешно ја мина првата пречка во квалификациите во ЦЕВ Лигата на шампионите, а во рамките од третото коло, утре, во 18:00 часот, во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје го пречекува францускиот претставник Волеро ле Кане.

Девојките на Јанта одново ќе се обидат да го искористат домашниот терен како предност за нов европски успех, иако сите во екипата се свесни дека сега ги очекува многу посериозен противник.

„Подготвени сме за предизвикот, иако како и за првите натпревари, така и сега остануваме скромни во изјавите и очекувањата. Волеро е многу поквалитетен противник од Гацко, со многу интернационалки во составот, но тоа е и клуб кој доаѓа од многу поквалитетно првенство, а има и долга традиција во настапите на европската сцена, за разлика од нас.

Потребна ќе ни биде комплетно нова стратегија во играта. Ние ги анализиравме, но немаме комплетно јасна слика за нив, многу работи ќе бидат познати по првиот меч утре. Фокусирани сме на нашата игра, најважно ќе биде девојките да одиграат најдобро што можат, да го дадат максимумот, па ако освоиме сет-два или ако стигнеме до нешто повеќе, се е тоа во наш прилог“, изјави Никола Јаневиќ, тренерот на Јанта Волеј. 

Кон изјавата на тренерот се приклучи и капитенот на тимот, Тамара Тасевска, која посакува уште еден успешен и историски резултат за македонскиот претставник. 

„Престојниот двомеч е одлична можност за екипата да покаже дека не случајно ја мина првата пречка во Лигата на шампионите. Ние сме задоволни со самиот факт дека испишавме историја, но исто така и свесни дека можеме уште да дадеме.

Ме радува што имаме силен противник пред нас, затоа што тоа ќе донесе уште поголема мотивираност за игра на теренот, да се даде максимумот и да се понуди силен отпор. Имаме убава атмосфера, хемија и сплотеност во екипата, зошто да не приредиме изненадување?

Очекуваме и публиката да дојде и да не поддржи во уште поголем број од првиот натпревар. Таа ни беше ветер во грб и мотив и се надевам дека така ќе биде и утре“, вели Тасевска. 

Влезот во СЦ „Јане Сандански“ повторно ќе биде слободен за сите симпатизери на клубот и за сите љубители на одбојката.