Јанта, Пелистер и Универзитет во Тетово сезоната ја почнаа со победа

Две убедливи домашни победи и една исклучително значајна гостинска содржеа саботните средби со коишто почна 29. сезона во македонската најсилна женска одбојкарска конкуренција. Екипата на Универзитет во Тетово направи пресврт на гостувањето во Скопје и освои три капитални бода против Јанта волеј Форца. Со оглед дека во есенската фаза од првенството целта ќе биде да се освои едно од првите три места на табелата во двете групи, а за разлика од претходните години системот е скратен поради коронакризата, секоја победа, особено ако е над директен ривал, има огромен удел во реализација на амбициите во првата натпреварувачка етапа.

Од тој аспект, голем чекор направија и Пелистер волеј и составот на Јанта волеј Кисела вода. Битолчанки одиграа убедливо против Ускана на свој терен и се радуваа со само 32 загубени поена, а дебитантот во Првата лига (жени), на ист начин, но со 38 препуштени поени, триумфираше над Бами Кор. Ваквите победи на Пелистер волеј и на Јанта волеј Кисела вода им даваат одлична почетна основа во трката за влез во елитниот натпреварувачки сегмент напролет.

 Амбиции за настап во него има и Наковски волеј кој в среда ќе и гостува на Македонија Макс во струмичката пресметка, како и Вардар жени и Работнички Скопје чиишто мечеви беа одложени во првото сезонско коло. Во дополнителни термини, Вардар жени ќе гостува кај дебитантот Фит Фан волеј, а Работнички Скопје ќе оди во салата на Виктори волеј. Овие натпревари не беа одиграни според предвидениот календар викендов поради позитивни тестови на ковид-19 кај неколку одбојкарки.

А група (Прво коло)
Македонија Макс – Наковски волеј (среда, 21.октомври)
Јанта волеј Форца – Универзитет во Тетово жени 1-3 (26-24, 16-25, 14-25, 24-26)
Фит Фан волеј – Вардар жени (одложен)
Слободен: УГД Студент

Б група (Прво коло)
Пелистер волеј – Ускана 3-0 (25-8, 25-15, 25-9)
Виктори волеј – Работнички Скопје (одложен)
Јанта волеј Кисела вода – Бами Кор 3-0 (25-8, 25-15, 25-15)
Слободна: Струмица жени