Италијанскиот селектор: Нема да ја потцениме Македонија, иако целиме на медал

Одбојкарската репрезентација на Италија важи за голем фаворит против Македонија во осминафиналето на Европското првенство. Целите на „аѕурите“ се различни од нашите, тие гледаат кон златниот медал и се надеваат дека ќе го освојат на турнирот на кој бевме ко-домаќини. Завршницата се игра на нивно тло, сега во Бари, а потоа и во Рим. 

Во пресрет на дуелот со „спартанците“, своите очекувања ги изнесе селекторот Фефе де Џорџи. 

„Нашата цел е да се пласираме во четвртфиналето, а потоа и меѓу најдобрите четири во Рим следниот викенд. Досега го кревавме темпото со секој натпревар. Против Германците имавме долг натпревар, па видовме и како е да се „пати“ за победа. Низ натпреварите во тешката група, најдовме дополнителен мотив и го кренавме темпото за плеј-офот. Барав од играчите да се жртвуваат и фокусираат во групата.

Сега на ред е дуелот со Македонија, селекција која нема да ја потцениме. Овие играчи пораснаа, повеќе не се деца. Нивниот пристап кон натпреварите е променет, го ценат фактот дека играат за националниот дрес“, изјави Де Џорџи.

Натпреварот во Бари меѓу Италија и Македонија е на програмата во 18:00 часот.