Италијанките се нови одбојкарски кралици во ЛН, Србија освои бронза

Одбојкарската репрезентација на Италија одигра моќно во финалето против Бразил и се круниса за шампион во Лигата на нациите, што е прво одличје за националниот тим во ова натпреварување.

„Аѕурите“ го добија натпреварот против Бразил во три сета и го совладаа противникот со 25-23, 25-22, 25-22. Бразилките дадоа достоен отпор, во секој сет беа близу до противникот, но во завршните моменти фокусот беше поголем кај фаворитот на хартија.

Одлична во мечот за титула кај Италија беше Егону со 18 поени, пред Босети со 11, додека Чирчирела и Данеси завршија со девет, односно осум поени. Кај Бразил, кој е лански вицепрвак, Киси постигна 14 поени, пред Габи со десет, а Керол заврши со осум поени.

Србинките го освоија бронзениот медал во Лигата на нациите, откако во „малото финале“ во меч во три сета беа подобри од Турција (27-25, 25-17, 26-24).