Италија се „прошета“ против Германија и закажа полуфинале со Србија

Одбојкарската репрезентација на Италија е третиот и претпоследен патник во полуфиналето на Европското првенство, откако без многу проблеми славеше над Германија и закажа дерби дуел со бранителот на титулата, Србија.

„Аѕурите“ важеа за големи фаворити на овој дуел, а тоа и го докажаа на паркетот и со 3-0 (25-13, 25-18, 25-19) го елиминираа големиот ривал. Италија својата перфектна игра на континенталниот собир ја продолжи и против Германците, кои иако најавија голема борба, не успеаја да го најдат лекот за разиграниот противник и заслужено го завршија својот настап на шампионатот.

Последниот учесник во полуфиналето на Европското првенство ќе биде познат вечерва, по натпреварот меѓу сензацијата Чешка и Словенија. Победникот од овој дуел ќе се сретне со Полска, која вчера рутински ја совлада Русија.