• Зоран Мишевски

Италија е првиот патник во елиминационата фаза на олимпискиот турнир во одбојка за мажи. По победата во четири сета против Бразил, европскиот првак лесно го совлада Египет со 3-0 (25-15, 25-16, 25-20) и во последното коло од групата против Полска ќе решава за првото место.
Фаворитот почна многу фокусирано и со градење на предност од самиот почеток. Египќаните немаа решение за леваците Романо и Микелети, а одличен беше и Симоне Џанели. Предноста на првиот технички тајм-аут беше +4, а на вториот веќе +8. На задоволство на многуте италијански фанови на трибините, првиот сет брзо заврши со 25-15.
„Аѕурите“ продолжија моќно, Лавиа проработи на блокот, а Габер единствен меѓу „фараоните“ парираше. По 10-4 за десетина минути во вториот сет беше јасно каде водат текот на нештата. Со истата динамика како во првиот сет фаворитот го приведе сетот кон крај и славеше со 25-16.
Иако селекторот Де Џорџи го измени тимот, за да ги заштеди најдобрите, и третиот сет имаше иста динамика. Италија се одлели на 4-5 поени разлика и лесно го приведе натпреварот кон крај. Финалните 25-20 во третиот сет покажуваат дека немаше драма во ниту еден од трите сета.
Лавиа и Романо со 14 и Микелето со 11 поени беа најдобри поединци во перфектниот тим на Де Џорџи. Утре изутрина во вториот натпревар од второто коло во оваа група се среќаваат Полска и Бразил.