• Иван Димовски

Женската одбојкарска селекција на Србија не успеа да приреди изненадување во последниот четвртфинален натпревар на Летните олимписки игри, откако немаше сили за надигрување со моќната Италија и со поразот во три сета (3-0) ги заврши настапите на турнирот во Париз.
Српските одбојкари, кои групата ја завршија на третото место зад Соединетите Американски Држави и Кина, од кои беа поразени, а единствениот триумф им беше во мечот со Франција, вечерва посигурно го отворија натпреварот со фаворизираните Италијанки. Кон средината на првиот сет во неколку наврати имаа пет поени предност, но не успеаја да го сочуваат. Италијанките, водени од Егони, се консолидираа во вистински моменти и во драматичен финиш први стигнаа до двојна предност и со 26-24 поведоа со 1-0 во сетови.
Во вториот сет одново Србија имаше што да каже и поведе на почетокот (5-6), но тогаш следеше серија поени (4-0) за пресврт и 9-6. Тогаш Италијанките се наметнаа, го контролираа резултатот и поведоа со највисоки пет разлика, а потоа го добија сетот со 25-20.
Ништо не се промени ниту во третиот сет. Италијанките продолжија да играат во ист ритам и со 25-20 ја запечатија победа вредна пласман во полуфиналето. Најголемите ведети во двете селекции, Тијана Бошковиќ и Паола Егону со по 19 поени беа најефикасни актерки на натпреварот.
Битка за финале ќе водат против Турција, додека второто полуфинале го сочинуваат Бразил и Соединетите Американски Држави.